Традиционална мусака со компири

Традиционална мусака со компири

Мусаката со компири со причина е првиот Go Delicious рецепт за главно јадење. Тој е мојот омилен ручек уште од детството. Како да не биде? Вкусно, сочно во средината, крцкаво од горе, полно со зеленчуци, рецепт кој лесно може да го прилагодите за повеќе или помалку лица и рецепт кој нема да изгуби во вкус, дури и ако немате некоја од состојките при рака. Остатоците од овој рецепт можете и да ги замрзнете, но практика во моето семејство е да се јаде ист ручек два дена едно подруго и никогаш не останува порција за замрзнување.

ЗА РЕЦЕПТОТ

Порции: одприлика 8 порции

Време за подготовка: 20 минути

Време за печење: 60 минути

СОСТОЈКИ

  • 4 средни компири
  • 2-3 лажици растително масло
  • 1/2 шоља вода
  • парче путер
  • 2 јајца
  • 1/2 шоља рендан кашкавал

За рагу полнењето:

  • 1 голем кромид
  • 2 средни моркова
  • 250 g. печурки
  • 200 g. мелено месо
  • 500 g. доматен сос
  • 2 чешниња лук
  • 1 лажичка црвена пипер
  • 1 лажичка суво оригано
  • 1 лажичка сув босилок
  • 2 ловорови листа
  • китка магдонос
  • сол и бибер по вкус

НАСОКИ ЗА ПОДГОТОВКА

  • Започнете со подготовка на зеленчуците (исецкајте ги кромидот, морковите и печурките)
  • Во голема тава запржете ги кромидот и морковите со малку растително масло, а после неколку минути додадете ги и печурките и зачите добро со сол и бибер. 
  • Оставете да се готват околу пет минути, потоа додадете го лукот, црвениот пипер, ловоров лист, сувото оригано и босилокот (ако немате оригано или босилок, можете да користите и мајчина душица или рузмарин.) Измешајте убаво и оставете вкусовите да се спојат. 
  • Додадете го меленото месо и иситнете го со дрвена лажица на мали парченца за ситните парчиња лесно да ги впчијат вкусовите на зеленчукот и да добијат убава боја. 
  • Додадете го доматниот сос. Во овој рецепт може да се користи свеж сок од домати само затоа што тоа го имав при рака, но кога доматите не се во сезона, користам или пасата сос од домати или лименка со конзервирани домати… и едното и другото се добра замена.
  • Повторно зачинуваме, промешуваме добро и оставаме да врие на тивок оган околу 15тина минути. Сосема на крајот го додаваме сецканиот магдонос. 
  • Во тава за печење, налеваме малку, неколку лажици растително масло за првиот слој од компирите да не се залепи за дното. Потоа тавата ја прекриваме со слој од парчиња компири (пола сантиметар дебели од прилика). Врз компирите ставаме половина од рагу полнењето. Потоа редиме уште еден слој компири.
  • Врз него го истураме остатокот од полнењето и најгоре го редиме третиот ред компири. 
  • Ја додаваме водата и парчињата путер. 
  • Покриваме со алуминиумска фолија и печеме во загреана рерна на 200C/400F околу 45 минути. Потоа, врз мусаката ги додаваме  јајцата благо изматени заедно со кашкавалот и ја враќаме мусаката во рерна да се допечи уште 10-15 минути.  

За повеќе детали како да го подготвите овој рецепт, погледнете го видеото подолу. 

Напишете коментар

Close Menu