Сол
Different sea salt close up

Сол

Солта е една од неколкуте состојки кои ги користиме во секој оброк. Лично јас не можам да замислам да готвам без сол, ниту пак би сакала имајќи предвид колку вкусот на јадењата зависат од користењето на сол.

Во однос на здравјето, генералните препораки за конзумирање на сол се не повеќе од 2.000mg содиум на ден, што практично би значело најмногу 5г./1 лажичка сол на ден. Но, не сите видови сол имаат ист состав, па оттука не се исти ни по вкус ни во однос на нивните здравствени својства. Токму од оваа причина вреди да се нешто повеќе за најпопуларните видови сол во светот.

Обична сол. Ова е најзастапената сол насекаде низ светот. Најчесто солта се ископува од подземни наслаги од сол, потоа се става во вода, прочистува од минерали и се суши повторно. Во тој момент се додаваат и агенси против згрутчување на солта и јод со што се добива унифициран производ кој сите го знаеме.

Клучна причина зошто оваа сол толку многу се користи е ниската цена. Меѓутоа јодот во нејзиниот состав и дава на храната метален вкус, а прочистувањето ги отстранува од солта сите здрави минерали присутни во нерафинираната сол. Токму затоа многу готвачи преферираат да користат други видови на сол.

Кошер сол. За разлика од обичната сол, кошер солта не содржи додаток на јод и агенси против згрутчување на солта. Тоа е рафинирана сол со поголеми кристали и има голема примена во многу земји. Кошер солта првично се користела од евреите за исцедување на крвта од површината на месото, со што месото ќе стане кошер. Оттука доаѓа и името на солта, но денес само неколку брендови кои произведуваат кошер сол се сертифицирани за исполнување на строгите барања за кошер производ, останатите само го задржале името на производот.

Хималајската сол е најчист облик на сол во светот. Таа се добива од Хималајските планини во Пакистан и се смета за поздрава опција од две причини. Прво, се вади од рудници кои се наоѓаат во предели незагадени од модерните загадувачи и токсини, а второ во својот состав содржи 84% содиум хлорид и 16% останати природни минерали кои се важни за човечкото тело. Само за споредба, обичната сол содржи дури 98% содиум хлорид и 2% јод и агенси против згрутчување.

Малите траги на железо оксид во хималајската сол и ја дава нејзината убава розева боја. Во однос на готвењето, хималајската сол има поизразен вкус од останатите соли.

Морската сол е вообичаено нерафинирана сол добиена од испарување на морската вода што е причина зошто во себе содржи минерали како цинк, калиум и железо. Морска сол е прилично широк поим кој вклучува обични и посебни соли. Се смета за повкусна од обичната сол.

Fleur de sel, позната и како „цветот на солта“, е морска сол која се добива од горниот слој на базените кои се формираат од плимата. Кристалите кои се тенки како хартија внимателно се повлекуваат од површината на водата со помош на традиционални дрвени алатки. Ова се прави само рачно и само во сончеви и суви денови со благи ветрови, заради што оваа сол е многу ретка.

Fleur de sel е најскапата сол од сите, затоа најчесто се користи за финално зачинување на јадењата во скапи ресторани. Во однос на својот состав, fleur de sel има помалку содиум и повеќе минерали во споредба со обичната сол. Некои видови од оваа сол се произведуваат во Франција, Англија, Италија, Шпанија и Португалија.

 

Sel gris, позната како Келтска сол или сива сол се добива од дното на базените со вода креирани од плимата на брегот на Келтското море. Кристалите се собираат од дното на водениот базен па затоа имаат повисока содржина на минерали и сива боја. Во однос на содржината, Келтската сива сол има голем број минерали и најмала содржина на содиум хлорид од сите други популарни видови на сол. 

Sel gris има крупни кристали кои се влажни на допир без оглед како ја чувате солта. Различната текстура и вкус на келтската сол се одлични за готвење риба или месо. 

Црна лава сол се добива со испарување на морската вода од базените креирани врз стврдната лава. Вака добиените кристали се мешаат со активен јаглен кој му ја дава на солта карактеристичната црна боја. Црната лава сол во најголем дел се произведува на вулканските острови Хаваи и Кипар.

Оваа сол е крупна и крцкава со слаб солен вкус кој е одличен во многу јадења.

Хавајска црвена алеа сол е нерафинирана сол со ниска содржина на содиум хлорид од само 80%. Останатите 20% се минерали добиени од црвената вулканска глина алеа која е богата со железо и позната по нејзините детоксификациски својства. 

Со векови оваа сол била користена во религиозни церемонии и е традиционално користена во многу хавајски јадења.

Покрај овие видови на сол има уште многу артизан и уникатни видови, кои се одлични, но не се лесно достапни ниту пак имаат пристапни цени. 

Било која сол и да ја изберете за зачинување на вашите јадења, незаборавајте да уживате во готвењето!

Напишете коментар

Close Menu