Профитероли со слаткарски крем

Профитероли со слаткарски крем

Сите ги знаеме и сакаме класичните профитероли полнети со сладок крем и прекриени со чоколаден прелив. Совршени се за деновите кога ви се јаде нешто познато, стар рецепт, сеќавање од дестството, нешто што го заслужило епидетот класика!

Забелешка: рецептот за слаткарски крем ќе биде доволен да пополни околу 20 профитероли – половина од оние кои ќе ги добиете со рецептот за профитероли. Затоа ако сакате сите профитероли да ги полните само со слаткарски крем, направете дупла доза од него.

ЗА РЕЦЕПТОТ

Порции: 40 профитероли/ крем за пополнување на 20 профитероли

Време за подготовка: околу 30 минути вкупно (по 10 за профитеролите, кремот и преливот)

Време за отстојување: за кремот – околу еден час

Време за печење: за профитеролите – околу 30 минути

Целиот рецепт ќе биде готов за: 1 час и 30 минути

СОСТОЈКИ

за профитеролите:

  • 1 шоља/120 g. брашно
  • 1 шоља/250 ml. вода
  • 1/2 шоља/110 g. несолен путер
  • 4 свежи јајца на собна температура
  • 1 лажичка шеќер
  • 1/2 лажичка сол
  • јајце за премачкување (1 јајце+1 лажичка вода)

за слаткарскиот крем:

  • 2 шољи/500 ml. млеко
  • 1/2 шоља/110 g. шеќер
  • 1/4 шоља/40g. нишесте
  • 4 жолчки
  • 1 лажица/15 g. путер
  • 1 лажица ванила

за чоколадниот прелив:

  • 200 g. чоколадо
  • 1/2 шоља/100 ml. крем
  • малку сол

НАСОКИ ЗА ПОДГОТОВКА

  • За да ги подготвите профитеролите започнете со мешање на водата, путерот, шеќерот и солта во мало тенџере на среден оган.
  • Дозволете смесата да зоврие, потоа додадете го брашното. Мешајте непрекинато 3-5 минути додека брашното целосно не се соедини со смесата.
  • Префрлете ја смесата во чист сад за малку да олади(неколку минути) пред да почнете да ги додавате јајцата.
  • Почнете да додавате едно по едно јајце, мешајќи со дрвена лажица или шпатула. Не додавајте јајце пред претходното да биде целосно соединето со смесата. На почеток кога ќе додадете јајце смесата ќе изгледа како да се растурила, но со мешање повторно ќе се соедини, бидете трпеливи, битно е смесата да биде повторно соединета пред да додадете ново јајце. 
  • После 6-8 минути додавање на јајцата смесата повторно ќе стане густа и леплива како што треба да биде за вкусни профитероли.
  • Префрлете ја смесата во кеса со широк отвор. Држејќи ја кесата вертикално на хартија за печење истиснете мали профитероли со големина на орев, внимавајте да има малку растојание од едно до друго.
  • Со влажен прст малку притиснете ги врвовите на профитеролите, потоа премачкајте со јајце и печете околу 25-30 минути на 190С во загреана рерна. Не ја отварајте вратата од рерната додека се пече, внимавјте на нив само преку стаклото.
  • Штом се испечат, оставете да се оладат целосно пред да ги полните со вашиот омилен фил.
  • За да го спремите слаткарскиот крем измешајте го млекото со жолчките во сад за мешање. Во мало тенџере на среден оган загрејте го шеќерот и нишестето неколку минути. 
  • Штом ги загреете и измешате, истурете ја во тенџерето мешавината од млеко и жолчки внимателно, мешајки константно.
  • Додадете го и путерот и мешајте непрекинато околу 5 минути, додека смесата не почне да врие и стане густа. 
  • Кога тоа ќе се случи, додадете ја ванилата, мешајте уште 30 секунди и тргнете го кремот од оган.
  • Префрлете го кремот во чист сад процедувајќи го низ цедалка за да биде кремав и без грутки.
  • Покријте со пластична фолија, битно е фолијата да ја допира површината на кремот за да не се формира кора, и оставете да се олади околу еден час во фрижидер.
  • За да го подготвите чоколадниот прелив, стопете го чоколадото со прстофат сол во огноотпорен сад врз тенџере со врела вода.
  • Штом чоколадото се затопли и почне да се топи, тргнете го од оган, додадете го кремот и мешајте додека двете не се соединат во мазен вкусен чоколаден прелив.
  • Штом ги имате сите елементи спремни, направете дупка на дното на профитеролата, наполнете со креми и прелијте со чоколаден прелив.
  • Можете да ги чувате неколку дена, но искрено во моето семејство никогаш не останале толку долго. Уживајте!

За повеќе детали како да го подготвите рецептот, погледнете го видеото подолу.

Напишете коментар

Close Menu