Пита со јаболка

Пита со јаболка

Малку рецепти се вистинска храна за душа, како што е домашната пита со јаболка. Направена по традиционален рецепт, со ровка кора и совршено сочно полнење со јаболка. Овој рецепт е се што ви треба за да ја прославите сезоната на јаболка.

ЗА РЕЦЕПТОТ

Порции: одприлика 10 порции

Време за подготовка: 20 минути

Време за печење: 40 минути вкупно

Време за ладење: 30 минути

СОСТОЈКИ

  • За кората

    • 250 g. сенаменско брашно
    • 125 g. несолен путер
    • 4 лажици студена вода
    • малку сол
    • 1 јајце, за премачкување
  • За полнењето

    • 5-6 средни јаболка
    • сок од 1/2 лимон
    • 1 лажичка цимет
    • 1 лажичка мелено морско оревче
    • 2 лажици брашно
    • 2 лажици шеќер

НАСОКИ ЗА ПОДГОТОВКА

    • Започнете со загревање на рерната на 180C/365F. 
    • Намрсете ја вашата тепсија за пита, (мојата е 22cm) и покријте го дното со хартија за печење.
    • Многу е битно брашното и путерот да бидат многу ладни, затоа јас ги чувам во замрзнувач 15тина минути пред да ги користам. 
    • Измешајте го брашното, солта и потерот во процесор за храна, пулсирајќи околу една минута. Потоа додадете ја водата и пулсирајте уште една минута додека смесата не почне да наликува на лебни трошки, а кога ќе притиснете делче меѓу прстите ќе видите дека се лепи
    • Истурете ја смесата на чиста површина и стиснете ги сите трошки се додека не се залепат во еден блок. Во овој момент не треба тестото да се меси, туку само да се залепи во една целина.
    • Свиткајте го во проѕирна фолија и оставете во фрижидер да отстои околу 30 минути, уште подобро ако можете и повеќе.
    • Штом одмори, поделете го тестото на половина, едната ќе ја користите за дното на питата, другата за декорација на горниот дел на питата. Додека ја користиме првата, втората нека ви стои во фрижидер завиткана во фолија.
    • Посипете брашно на работната површина и со сукало истегнете го тестото се додека не добиете 3-4mm тенка кора.
    • Внимателно пренесете ја кората врз тепсијата. Битно е кората убаво да ја притиснете во аглите, а доколку некаде ви се скине, без проблем само пополнете го тоа место со тесто од друг крај на кората. Издупчете ја површината со вилушка.
    • Врз кората ставете хартија за печење, врз неа истурете ориз или грав кој ќе тежи врз тестото и нема да му дозволи да набабри во рерната.
    • Печете околу 10 минути, потоа тргнете ја хартијата и оризот/гравот, премачкајте ја кората со јајце и печете уште 10 минути. 
    • За да го подготвите филот, излупете и исецкајте ги јаболката на парчиња. Испрскајте со лимонов сок за да не оксидираат. Додадете ги брашното, шеќерот, циметот, мускатното оревче и измешајте се заедно. 
    • Исукајте ја и втората половина од тестото во тенка кора. Исечете од неа декорации во форма на ливчиња. 
    • Врз печената кора  истурете го полнењето, потоа наредете ги декоративните форми од тесто.
    • Премачкајте ги декорациите со јајце и печете ја питата околу 15-20 минути или додека не добие златна боја.
    • Оставете да излади пред да ја послужите.
За повеќе детали како да го подготвите овој рецепт, погледнете го видеото подолу. 

Напишете коментар

Close Menu