Мафини со чоколадо и малини

Мафини со чоколадо и малини

Има ли некој што не сака мафини? Секако не! Се прават брзо и лесно, згодни се за да ги понесете со себе, неверојатно вкусни, децата ги сакаат… треба ли уште да набројувам? А, и да не заборавам… конкретно овие се меки, совршено сочни, полни со вкус на малини, капини и чоколадо. Дури и ако ги чувате неколку дена нема да изгубат на вкус, но во моето семејство се толку популарни, што една доза никогаш не трае повеќе од еден ден.

ЗА РЕЦЕПТОТ

Порции: 12 мафини

Време за подготовка: 10 минути

Време за печење: 25 минути

СОСТОЈКИ

  • 200g. смрзнати малини и капини
  • 100g. чоколадо
  • 300g. брашно
  • 150g. шеќер
  • 1 пециво
  • 250ml. јогурт
  • 2 јајца, на собна температура
  • 80ml. растително масло
  • малку сол

НАЧИН НА ПОДГОТОВКА

  • Започнете со загревање на рерната на 180C/350F.
  • Потоа намрсете тавче за 12 мафини, ставете хартиени чашки и тргнете го на страна.
  • Грубо исецкајте ги малините, капините и чоколадото, некои парчиња поситно, некои покрупно… тоа ќе придонесе за мафините да бидат вкусни и сочни.
  • Во голем сад, измешајте ги сите суви состојки, брашното, шеќерот, пецивото, а потоа направете дупка во средината и во неа истурете ги течните состојки, јогуртот, јајцата и маслото.
  • Ставете малку сол за да го нагласите вкусот на состојките пред да ги измешате. Мешајте кратко само додека не се соединат, ништо повеќе. 
  • Додадете ги чоколадото и овошјето, свиткувајќи ја смесата со шпатула. 
  • Распоредете ја смесата во чашките за мафини до врвот, на тој начин целосно ќе ја искористите смесата и ќе добиете убави нараснати мафини во форма на печурка. 
  • Печете ги мафините околу 25-30 минути или додека не поруменат. За да бидете сигурни дека се испечени, боцнете ги со дрвена чепкалка, ако излезе чиста, значи дека се добро испечени, може да ги вадите од рерна.
  • Бидете трпеливи и оставете да оладат малку. Тоа многу ќе значи кога ќе се обидете да ги одделите од хартиените чашки, а и нема да се изгорите. 
  • После околу пет до десет минути, мафините се спремни за споделување и уживање:)

За повеќе детали како да го подготвите овој рецепт, погледнете го видеото подолу. 

Напишете коментар

Close Menu